Со тага ја објавуваме веста дека Расел М. Нелсон, возљубениот Претседател на Црквата на Исус Христос на Светците од Подоцнежните Дни, почина мирно на 27 септември, кратко по 22:00 часот по планинско време (MDT), во својот дом во Солт Лејк Сити. Имаше 101 година — највозрасниот претседател во историјата на Црквата.
Претседателот Нелсон беше повикан за апостол на 7 април 1984. На 14 јануари 2018, тој стана водач на Црквата. Неговото време како пророк ќе остане запаметено по глобалната служба (посети 32 земји и територии на САД), зголемената изградба на храмови (најави 200 нови храмови) и длабоките промени. Почнувајќи од генералната конференција во април 2018, кога беше поддржан како висок апостол, Претседателот Нелсон започна со воведување на чести прилагодувања со цел да им помогне на светците да служат повеќе како Исус Христос и да го нагласат централното место на Спасителот во сè што прави Црквата. Подоцнежните делови од оваа некрологија даваат детален опис на неговите патувања како претседател и многуте промени што ги спроведе.










































































































Пред да се посвети целосно на служба во Црквата, Претседателот Нелсон беше кардиохирург, ценет и почитуван ширум светот. Во 1955 година ја изведе првата операција на отворено срце во Јута. Служеше како претседател на Друштвото за васкуларна хирургија, директор на Американскиот одбор за торакална хирургија, претседател на Советот за кардиоваскуларна хирургија при Американското здружение за срце и претседател на Медицинското здружение на државата Јута. Автор е на бројни поглавја во медицински учебници и други публикации. Предаваше и професионално ги посетуваше многу организации низ САД и други земји. Зборуваше 11 јазици.
„Тој беше најнежен и најмил човек со кого би можеле да се поврзете.“
—Претседател Далин Х. Оукс
„Сите ние што сме работеле со Расел М. Нелсон, и многуте што ги поучуваше и соработуваше, се восхитувавме на неговата извонредна скромност за човек со толку големи достигнувања,“ рече претседател Далин Х. Оукс, кој беше повикан во Кворумот на Дванаесетте Апостоли истовремено со Претседателот Нелсон во 1984 година и кој служеше како негов Прв Советник во Претседателството. „И се восхитувавме на неговата нежност. Тој е навистина најнежниот и најмил човек со кого би можеле да се поврзете.“ И така ќе остане запаметен.
Претседателот Нелсон зад себе ја остави својата сопруга Венди, осум од неговите десет деца, 57 внуци и повеќе од 167 правнуци.
Како и апостолите од времето на Новиот Завет, апостолите во Црквата на Исус Христос на Светците од Подоцнежните Дни се повикани да бидат посебни сведоци за Исус Христос. Претседателот Нелсон беше еден од 15-те мажи кои го надгледуваат растот и развојот на глобалната Црква, која денес брои над 17 милиони членови.
Негов наследник не се очекува да биде формално избран од Кворумот на Дванаесетте Апостоли сè до по неговиот погреб (деталите ќе бидат објавени дополнително).
„Возљубен лекар“ кој ги спои медицината и верата

Малкумина би очекувале апостол да биде светски познат кардиохирург, но токму тоа беше Претседателот Нелсон пред да биде повикан на доживотна служба во Црквата. Но, лекувањето на срцата и физички и духовно не е невообичаено за учениците на Исус Христос во било кое време. Писателот на Новиот Завет, Лука, беше лекар со углед — апостолот Павле, со кого патуваше како мисионер, го нарече „возљубениот лекар“ (Колосјаните 4:14).
Како лекар, Претседателот Нелсон беше најпознат по неговото учество во развојот на апарат за вештачко срце и бели дробови, доволно мал за да функционира во операциона сала. Овој подвиг беше овозможен поради непроценливата поддршка и охрабрување од неговата прва сопруга, Дантзел — достигнување што ја продлабочи неговата благодарност за дарот на животот. „Мислам дека хирургот е во уникатна позиција да го разбере едно од најголемите Божји создавања — човечкото тело,“ рече тој. „Секој дел од телото ме мотивира кон вера.“
Почитта на Претседателот Нелсон кон животот му всади духовен пристап кон медицината. Неговото водечко писание од Учење и Завети го водеше и во операционата сала и надвор од неа: „И кога ќе стекнеме било каков благослов од Бог, тоа е преку послушност на законот врз кој е предвиден.“ (Учење и Завети 130:21).
„Со други зборови,“ рече претседателот Нелсон, „не се посакува благослов; се работи за благослов и се создава можност за него. Често го учев мојот тим со кој работев: Овој пациент се моли за успех, и има семејство кое се моли за успех. Сите тие молитви нема да помогнат ако направите една грешка, затоа мора да ја завршите работата совршено за пациентот да има можност да го добие благословот што го бара.“
Неговите медицински студии се протегаа во првите 12 години од неговиот брак. Дипломирањето на медицинскиот факултет при Универзитетот во Јута на 22-годишна возраст беше проследено со стажирање и неколку години специјализација во Минесота и Масачусетс; две години воена служба во Вашингтон, Д.Ц. и во странство; и докторски студии на Универзитетот во Минесота. Неговата длабока посветеност на истражувањето на крај го доведе до револуционерната работа на апаратот за срце и бели дробови. Подоцна служеше како професор по хирургија и директор на програмата за специјализација по торакална хирургија на Универзитетот во Јута, како и претседател на Одделот за торакална хирургија во болницата LDS во Солт Лејк Сити.

Во 1955 година, Претседателот Нелсон ја изведе првата операција на отворено срце во Јута, и во текот на неговата кариера изврши повеќе од 7.000 операции. Една од неговите најзначајни операции се случи во 1972 година, кога љубовта кон медицината и верата се споија — беше повикан да изврши високоризична операција на Спенсер В. Кимбал, кој тогаш беше висок апостол во Црквата. Во тоа време, претседателот Нелсон служеше како Генерален претседател на Неделното училиште во Црквата, додека продолжуваше да работи како кардиохирург. Пред операцијата, доби свештенички благослов за кој веруваше дека влијаеше на резултатот.
„Тоа беше како музичар кој свири пијано концерт без да направи грешка, или бејзбол фрлач кој фрла девет иннинзи без грешка,“ рече тој. „Таa долга и комплицирана операција беше изведена без ниту една грешка. И на крајот од операцијата, кога срцето му заби со сила, знаев дека ќе живее. И додека го затворавме градниот кош, почувствував дека овој човек ќе стане Претседател на Црквата.“
Спенсер В. Кимбал навистина стана Претседател на Црквата и живееше уште 13 години.
„[Претседателот Нелсон] имаше извонредни сознанија од неговото медицинско образование за здравствените предизвици со кои се соочуваат Генералните Власти,“ рече претседател Оукс. „И ни даде извонредни увиди за значењето на тие дијагнози, за прогнозата и за практичните импликации од тие состојби.“
Живот со Дантзел
Претседателот Нелсон секогаш се стремеше да го даде најдоброто од себе во секоја задача што му беше пред него. Како младо дете, тоа беа изведбените уметности, а не лековитите, што прво го привлекоа. Пееше тенор во квартет кој доби награда и ја играше главната улога во мјузикл како студент на Универзитетот во Јута. Всушност, неговата љубов кон музиката на крај го доведе до љубовта на неговиот живот.

Се сеќава како пристигнал на проба за претстојна претстава и слушнал сопран на сцената. „Беше зачудувачка,“ се присетува Претседателот Нелсон. „Гласот ѝ беше неверојатен, и прашав: „Која е таа?“ Диригентот одговори: „Тоа е Дантзел Вајт. Таа е таа со која ќе пееш во оваа претстава.“ Претседателот Нелсон рече: „Од тој момент никогаш не излеговме со никој друг.“
Музиката стана централна точка во нивниот заеднички живот. Семејството Нелсон никогаш не остана без музика во домот, откако купија пијано за помалку од 100 долари во раните години од нивниот брак. Во времето кога работеше како лекар, Претседателот Нелсон стануваше рано наутро за да свири на пијано и да ги проучува светите писма. Комбинирајќи ги, рече тој, внесуваа духовно влијание во нивниот дом.
Како многу млади брачни парови, Нелсонови работеа заедно за да го обезбедат семејството, и тоа не секогаш беше лесно. Претседателот Нелсон се присетува како една вечер шетале по улиците на Бостон, со четири деца во тоа време, кога неговата сопруга го притиснала носот на стаклото од продавница за мебел и прашала: „Драги, дали мислиш дека некогаш ќе можеме да си дозволиме да купиме ламба?“ Во тие моменти, рече претседателот Нелсон, се потсетувале на стихот од Матеј 6:33:
„Но барајте го најнапред царството на Бога и Неговата правда, и сѐ ова ќе ви се придодаде.“
„Мислев дека беа навистина добар тим,“ се присетува Глорија Нелсон Ирион, третото од десетте деца на Нелсонови, меѓу кои имаше девет девојчиња и едно момче. „Се грижеа еден за друг и беа навистина сигурни во нивната љубов. Кога татко ми ќе се враќаше од работа или ќе влезеше дома, првото нешто што го правеше беше да ја побара мајка ми и да ја поздрави со прегратка и бакнеж. … Ни покажа дека најдоброто нешто што маж може да го направи за своите деца е да ја сака нивната мајка.“

Дантзел беше срцето на домот на Нелсонови. Претседателот Нелсон рече: „Ми подари другарство, 10 прекрасни деца и сите оние чудесни нематеријални нешта што една сопруга му ги дава на сопругот за да го поттикне кон исполнување и несебичност.“
Од најстаро до најмладо, децата на Нелсон се (со имињата на сопружниците во загради): Марша Н. Воркман (Ричард Воркман), Венди Н. Максфилд (почината во 2019, сопруга на Норман А. Максфилд), Глорија Н. Ирион (Ричард А. Ирион), Бренда Н. Мајлс (Ричард Л. Мајлс), Силвија Н. Вебстер (Дејвид Р. Вебстер), Емили Н. Витвер (почината во 1995, сопруга на Бредли Е. Витвер), Лори Н. Марш (Ричард М. Марш), Розали Н. Рингвуд (Мајкл Т. Рингвуд), Марџори Н. Лаудер (Бредли Џ. Лаудер) и Расел М. Нелсон Џуниор (Бритни).
И покрај неговиот исполнет распоред со медицинска и црковна служба, Претседателот Нелсон секогаш наоѓаше време за своите деца. Често патуваше и обично земаше по еден член од семејството со себе. Тие моменти ги сметаше за мудра инвестиција. „Тие патувања ми дадоа можност да ги слушнам нивните проблеми и амбиции, и едноставно да разговараме и да споделуваме идеи и искуства,“ рече тој. Активности како читање светите писма, семејни молитви двапати дневно и неделни семејни вечери помогнаа да останат блиски.
„Како што семејството растеше, тој се трудеше да присуствува на секој, секој важен момент. Присуствуваше на секое благословување, крштавање, ракополагање во свештенство, проштална мисионерска средба и венчавка,“ рече Ирион.
Бракот со Венди Л. Ватсон
Претседателот Нелсон силно веруваше дека тајната на среќен живот не лежи во тоа што поседуваме, туку во знаењето што го имаме за Бог. „Луѓето мора да знаат дека Бог живее. Мора да знаат дека Тој има план за нив. Ако го следат тој план, ќе најдат радост, иако животот носи тага, предизвици, понекогаш болка,“ рече тој. „Ако имаат вера во Него и се поврзат со Него, ќе имаат сила да ги издржат пречките што животот ги носи. Во тој процес ќе најдат голема радост.“
Неговата духовна сила беше искушувана кога неговата возљубена Дантзел неочекувано почина во февруари 2005 година. Смртта на Дантзел, ако ништо друго, ја засили верата на Претседателот Нелсон и неговата посветеност кон семејството.
На генералната конференција во април 2006 година, Претседателот Нелсон зборуваше за потребата од зајакнување на браковите.
„Бракот носи поголеми можности за среќа од која било друга човечка врска,“ рече тој. „Но некои брачни парови не го достигнуваат својот целосен потенцијал. Дозволуваат романтиката да зарѓосува, се земаат еден со друг здраво за готово, дозволуваат други интереси или облаци на занемарување да ја замаглат визијата за тоа што нивниот брак навистина може да биде. Браковите би биле посреќни ако се негуваат повнимателно.“
Кратко по конференцијата, Претседателот Нелсон се ожени со Венди Л. Ватсон. Пред нивниот брак, Сестра Нелсон, родена во Канада, беше професор по терапија за брак и семејство 25 години — последните 13 на Универзитетот Бригам Јанг.

Сестра Нелсон зборуваше за духовната борба преку пост и молитва пред да одлучи да развие врска со тогашниот Старешина Нелсон. Таа рече дека влегувањето во големо семејство и напуштањето на нејзината кариера, меѓу другото, претставувале огромни предизвици.
„Мислиме: ‘О, тоа е Божја волја. Тоа значи дека сè ќе биде лесно, прекрасно и чудесно.’ А всушност, беше тешко,“ рече Сестра Нелсон за време на мисионерско патување во Пацификот со пророкот во мај 2019 „Имавме различни очекувања. Тој сè уште тагуваше за Дантзел, без сомнение. … Тоа беше огромна промена.“
„Ние едноставно ја обожаваме,“ рече Ирион. „Таа беше вистински благослов за татко ми и за нашето семејство, бидејќи се грижеше за него.“
„Неговите деца беа фантастични, морам да кажам,“ додаде Сестра Нелсон. „Сакав да им бидам пријател, и тие навистина беа мои. Не можеше да бидат попријателски настроени. Внуците се прекрасни. А сега правнуците се едноставно неверојатни.“
За време на мисионерска посета на Австралија во 2019 година, Претседателот Нелсон ја опиша Венди вака: „Таа е доктор. Таа е геријатар. Таа е терапевт за брак и семејство. И е навистина забавна девојка со која е убаво да се биде.“
Пророк за народите
За време на мисионерски посети на неколку земји од Латинска Америка во есента 2019, пророкот големи делови од своите проповеди ги одржа на шпански јазик — на голема радост на локалните светци. Во Перу, на пример, започна со воведни зборови на англиски. Потоа рече: „Со ваше одобрение, би сакал да ви се обратам на шпански.“ Целиот колосеум избувна во аплауз.

„Бев еднаш со него, и тој започна да зборува на руски како дел од комуникација со лице што зборуваше руски,“ рече Претседател Оукс. „Знам дека научи доволно кинески за да учествува во операција на отворено срце во Кина, давајќи инструкции на кинески во операционата сала.“
Всушност, неговата ќерка рече дека нејзиниот татко зборуваше 11 јазици.
„Мислам дека обожаваше да запознава луѓе од целиот свет,“ рече Ирион. „Сакаше да ги гледа како го прифаќаат евангелието, стануваат светци и ја гледа промената кај нив — од тага кон надеж, од темнина кон светлина.“
Тој исто така одигра клучна улога во признавањето на Црквата во многу комунистички земји. „Беше сведок на чудата што се случија таму,“ рече неговата ќерка. „Го даде најдоброто од себе, а потоа Господ го направи останатото. Врата по врата се отвораа — врати за кои никогаш не мислеше дека ќе се отворат.“
Откако стана водач на Црквата на Исус Христос на Светците од Подоцнежните Дни во јануари 2018, Претседателот Нелсон интензивно се среќаваше со светци, владини и верски лидери на речиси секој континент. Патуваше во 32 земји и територии на САД.
Посвети значително време на градење мостови со лидери од други вери, групи и нации. Најзначајна беше неговата средба со папата Франциск во Ватикан во март 2019 година и неговата соработка со Националната асоцијација за напредок на обоените луѓе (NAACP), организација за граѓански права во САД.

„Имавме најпријатно, незаборавно искуство,“ рече Претседателот Нелсон за средбата со папата. „Неговата Светост беше многу љубезен, топол и гостопримлив. Каков сладок, прекрасен човек е тој, и колку се среќни католиците што имаат таков љубезен, грижлив, полн со љубов и способен водач.“
Во мај 2018, пророкот се приклучи на лидерите на NAACP во повик за поголема учтивост и расна хармонија. Потоа, во јули 2019, лидерите на NAACP го поканија Претседателот Нелсон да зборува на нивната годишна конвенција во Детроит. „Не мора да бидеме исти или да изгледаме исто за да се сакаме. Не мора ни да се согласуваме за да се сакаме,“ рече Претседателот Нелсон. Повторно се собра со лидерите на NAACP во јуни 2021 за да објави образовни и хуманитарни иницијативи поврзани со нивната тековна соработка.
Пророкот се среќаваше со лидери на многу нации додека патуваше низ различни земји. Ова вклучуваше владини претставници од Камбоџа, Колумбија, Индонезија, Нов Зеланд, Перу, Самоа, Тонга, Виетнам и други. Исто така, пречекуваше многу лидери на Temple Square, вклучувајќи виетнамска делегација, амбасадорот на Куба и водачот на Муслиманската светска лига.
Пророкот ги зајакна овие напори за градење мостови со повик до светците да бидат миротворци кои „градат, подигаат, охрабруваат, убедуваат и инспирираат — без разлика колку е тешка ситуацијата.“
„Браќа и сестри, буквално можеме да го промениме светот — еден човек и една интеракција во исто време. Како? Така што ќе покажеме како да се управува со искрени разлики во мислење со заемно почитување и достоинствен дијалог,“ рече Претседателот Нелсон. „Ако навистина сте сериозни во помагањето за собирањето на Израел и во градењето врски што ќе траат низ вечноста, сега е време да се остави горчината. Сега е време да престанете да инсистирате дека мора да биде по ваше или никако. Сега е време да престанете да правите работи што ги тераат другите да одат на прсти од страв да не ве вознемират. Сега е време да ги закопате вашите оружја од војна. Ако вашиот вербален арсенал е полн со навреди и обвинувања, сега е време да ги оставите. Ќе се издигнете како духовно силен маж или жена на Христос.“
За време на патувањето со Претседателот Нелсон во 2018 (кое вклучуваше и посета на Ерусалим, градот на мирот), тогашниот Старешина Џефри Р. Холанд од Кворумот на Дванаесетте Апостоли го истакна глобалното видување на Претседателот Нелсон.
„Тој е пророк за целиот свет, и има таква перспектива,“ рече Старешина Холанд. „Има пророчко видување. Ние го поддржуваме како јасновидец и откровител, и тој гледа кон целиот свет.“

Човек кој ја промени Црквата
Претседателот Нелсон воведе многу значајни промени. Како што беше спомнато претходно, секоја од нив беше дизајнирана да го насочи фокусот директно кон Исус Христос.
Под негово водство, пророкот го прилагоди начинот на кој светците ширум светот се грижат еден за друг. Постојано ја нагласуваше важноста на точниот назив на Црквата. Го пренасочи фокусот на евангелското поучување да биде центрирано во домот и поддржано од Црквата. Ја измени политиката што дозволува деца на родители од ЛГБТ заедницата да бидат крстени. Ги прилагоди прашањата за интервју за препорака за храм за да им помогне на членовите на Црквата подлабоко да го разберат значењето на храмската служба. Воведе нова глобална програма за млади — за децата и тинејџерите во Црквата. Најави нова политика за сведочење при живи крштевки, полномошни крштевки и живи и полномошни запечатувања. Овласти глобална политика што им овозможува на паровите кои се граѓански венчани веднаш да се венчаат во храм на верата. Ги реорганизира и консолидира свештеничките кворуми и организации за возрасни и деца. Воведе различни промени во мисионерските политики и процедури. Го промени симболот на Црквата за да вклучи претстава на воскреснатиот, жив Господ Исус Христос. И прочита нова прогласа до светот за Обновувањето на полнотата на евангелието на Исус Христос.
„Претседателе Нелсон, не знам колку уште ‘изненадувања’ можеме да издржиме овој викенд. Некои од нас имаат слаби срца. Но кога размислувам, и ти можеш да се погрижиш за тоа. Каков пророк!“
— Старешина Холанд, април 2018
„Да го парафразирам Ралф Валдо Емерсон — најнезаборавните моменти во животот се оние кога го чувствуваме налетот на откровение,“ рече тогашниот старешина Џефри Р. Холанд при крајот на генералната конференција во април 2018, на која пророкот претстави неколку значајни промени. „Претседателе Нелсон, не знам колку уште ‘изненадувања’ можеме да издржиме овој викенд. Некои од нас имаат слаби срца. Но кога размислувам, и ти можеш да се погрижиш за тоа. Каков пророк!“
Сите овие промени беа направени додека претседателот Нелсон ги охрабруваше светците да примаат лична насока од Бог, исто како што тој примаше откровение за Црквата. Тој и другите водачи постојано истакнуваа дека овие промени се дел од тековното Обновување на евангелието на Исус Христос.
Учител кој допираше срца
Претседателот Оукс го нарече Претседателот Нелсон врвен учител. „Слушнав хирурзи кои тој ги обучувал како коментираат за тоа колку ефикасен беше во тоа да ги научи да станат хирурзи,“ рече Претседател Оукс. И го видов како врвен учител кој ги поучува слугите Господови на ист начин.“
Како „возљубен лекар“, Претседателот Нелсон буквално ги допираше срцата на стотици пациенти кои страдаа од физички болести. Како ученик на Христос, тој лекуваше срца преку збор и дело.