Првиот дом за состаноци на Црквата на Исус Христос на Светците од Подоцнежните Дни е посветен во Азербејџан

Старешина Дејвид А. Беднар придружен од високи владини, верски претставници и членови на Црквата на отворањето на првата зграда во Баку

Првиот дом за состаноци на Црквата на Исус Христос на Светците од Подоцнежните Дни во Азербејџан беше свечено отворен од страна на Старешина Дејвид А. Беднар од Кворумот на Дванаесетте Апостоли, во градот Баку, во четврток, 13 ноември 2025. Старешина Беднар беше придружен од Старешина Џек Н. Џерард, прв советник во Претседателството на Централна Европа. Присутни беа и сестра Сузан Беднар и сестра Клодет Џерард, како и други водачи на Црквата.

Овој историски настан претставува значаен чекор за Црквата во регионот на Кавказ. Повеќе од четириесет поканети гости, меѓу кои владини претставници, верски и деловни лидери, како и други истакнати личности, присуствуваа на церемонијата на инаугурација. Гостите имаа можност да ја разгледаат зградата и да добијат кратко објаснување за начинот на кој се организираат богослужбите во Црквата.

„Ова е историски ден за Црквата на Исус Христос на Светците од Подоцнежните Дни во Азербејџан,“ рече Старешина Беднар. „Ни претставува чест и радост што сме тука, формално признати, и што можеме да го посветиме овој објект каде што ќе се собираме и ќе богослужиме. Благодарни сме и возбудени што сме тука во Азербејџан.“

Рамин Мамадов, кој раководи со Државниот комитет за односи со верски здруженија на Азербејџан додаде: „Отворањето на оваа зграда е сведоштво за сите дека азербејџанското општество сè повеќе ја проширува својата културна богатост и отвореност кон различни религии. Сакам да му се заблагодарам на Старешина Беднар за неговото присуство на оваа инаугурација и за учеството во овој значаен и радосен настан за Црквата и за државата Азербејџан,“ заклучи тој.

Момент на пријателство и вера

Инаугурацијата вклучуваше церемонија на сечење лента, изведена заеднички од Старешина Беднар, Старешина Џерард, Рамин Мамадов и Неговата Светост шеик-ул-ислам Алахшукур Пашазаде. Присутни беа и други верски лидери. Овој симболичен момент ја истакна духот на пријателство и взаемна почит што ја карактеризира врската меѓу Црквата и народот на Азербејџан.

По церемонијата, гостите присуствуваа на свечен ручек, каде што Старешина Беднар и Старешина Џерард изразија благодарност за топлиот прием што му беше укажан на Црквата во Азербејџан. Тие исто така зборуваа за заедничките вредности на верата, семејството и служењето, кои ги обединуваат верниците од сите средини Покрај тековните хуманитарни напори, една од програмите на Црквата што веќе се нуди бесплатно во Домот за Состаноци во Баку е English Connect. Програмата е наменета да им помогне на поединци да научат и подобрат вештини од англискиот јазик.

Растечко присуство во Азербејџан

Црквата на Исус Христос на Светците од Подоцнежните Дни беше официјално регистрирана во Азербејџан во јули 2024 година, развој што го отвори патот за локалната заедница да се собира и да обезбеди постојан дом за состаноци. Новата зграда ќе служи како духовен дом за членовите на Црквата и како центар за хуманитарни и меѓурелигиски активности.

Инаугурацијата на новиот дом за состаноци тесно се усогласува со визијата на Азербејџан за промовирање на слободата на религија или верување и поттикнување на мултикултурна хармонија. Долгогодишната посветеност на земјата кон взаемна почит меѓу различни верски заедници обезбедува гостопримливо опкружување за луѓе од сите верувања да богослужат и да придонесуваат во општеството.

Старешина Џерард изрази благодарност за отвореноста на нацијата кон дијалог и соработка, тренд што го забележал и искусил многу години во регионот на Кавказ и Централна Азија. „Ова е значаен чекор, бидејќи градиме темел на верата за многу години што доаѓаат. Ги сакаме нашите азербејџански браќа и сестри и со нетрпение очекуваме понатамошен раст низ овој регион од светот,“ рече тој.

Друг значаен пример за развојот на односите меѓу Црквата и Азербејџан е предавањето на курс по азербејџански јазик на Универзитетот Бригам Јанг, високообразовна институција спонзорирана од Црквата во Прово, Јута. Ова е единствено во цела Северна Америка.

Ново поглавје во регионот

Во вечерните часови, беше одржана посебна духовна сесија за членовите и пријателите на Црквата, со присуство на речиси 200 луѓе. Старешина Беднар ја понуди молитвата за посветување, формално прогласувајќи ја зградата за место на богослужба и заедничко собирање.

„Нашата најголема желба е ова да биде свето место,“ се молеше Старешина Беднар. Тој исто така изјави во молитвата дека „живееме во извонреден период во историјата на земјата. Можеме да видиме многу нешта во светот што се вознемирувачки, и навистина има голем немир во светот. Но, и покрај сета таа бура, во овој момент, на ова место, чувствуваме голем мир.“

Посветувањето на домот за состаноци во Баку претставува важен чекор во растот на Црквата низ Источна Европа, Кавказ и Централна Азија, каде што членовите сè повеќе се активни во општествена служба и хуманитарни напори. Црквата продолжува да соработува со локални партнери за промовирање на образованието, самостојноста и верската хармонија.

Новиот дом за состаноци ќе се користи за неделни богослужби, младински програми, активности за семејна историја и настани отворени за луѓе од сите средини. Во текот на неделата, зградата ќе биде отворена за други социјални и заеднички активности, како и за програми што ги нуди Црквата.

На крајот од денот, Неговата Светост Шеик-ул-ислам, кој раководи со Муслиманскиот одбор на Кавказ и е највисок муслимански верски лидер во регионот, беше домаќин на Старешина Беднар и други водачи на Црквата во Баку. Силна врска меѓу Шеик-ул-ислам и високите водачи на Црквата се развиваше низ годините, а оваа средба беше уште еден чекор во зајакнувањето на тие односи и изразување благодарност за неговата помош во признавањето на Црквата во Азербејџан.

Шеик-ул-ислам го посетил седиштето на Црквата во Солт Лејк Сити, Јута, каде што се сретнал со поранешниот Претседател Расел М. Нелсон, а поново и со Претседателот Далин Х. Оукс. Тие средби ги продлабочија врските на разбирање и почит меѓу двете верски заедници. Црквата веќе многу години е присутна во Азербејџан преку хуманитарни напори и има реализирано повеќе проекти и иницијативи во соработка со азербејџанските власти и други меѓународни и локални организации.